РЕАКЦИЈА на Министерството за информатичко општество и администрација

Скопје, 29 септември 2016 година

Почитувани,

Хипокризијата на дополнителниот заменик на министер во министерството за информатичко општество и администрација нема крај.

Човекот чиј што претседател на партија јавно се закани дека ќе ги избрка сите вработени во институциите, и ќе вработи нови од хигиеничар до министер, без никаков срам пред камери во исто време се претставува како најголем заштитник на вработените. На иста прес конференција и во иста реченица тој вработените во администрацијата прво ги етикетира како партиски кадри, после ги штити од наводно бркање од работа. Кој кого тука манипулира? Дали Кирацовски вработените, или пак претседателот на нивната партија членовите? Дали вработените му веруваат на зборот на Кирацовски или на делата на неговите партиски колеги во институциите со кои раководат? Дали Кирацовски сега се додворува, а потоа планира масовно да ги деградира и отпушта од работа? Македонската држава има едно такво болно искуство за кое Кирацовски може да ги праша своите поискусни колеги, кога при смена на власта во 2002 година се вршеа масовни политички мотивирани чистки во администрацијата.

 

Ова е добра прилика да го потсетиме Кирацовски дека престанок на работен однос како резултат на оценување беше за прв пат воведено во македонската државна служба на 14 септември 2005 година, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2005. Оттогаш до сега имало многу изборни циклуси, но никој никогаш од оценувањето не правел политичка драма. Колку за илустрација на основаноста на партиско-политичкиот аспект на оценувањето, еве го исходот од пилот оценувањето во претходната година. Просечната оцена на службениците била 4,37, а само 0.000089%, односно само еден вработен е оценет со најниската оценка, која претставува основ за престанок на работниот однос. Дополнително, просечната возраст на вработените во јавниот сектор е 45,1 година, а просечен стаж 15 години, па оттука ете му задача на Кирацовски да пресмета кој вовел оценување како основ за престанок на работен однос, пред кој изборен циклус, и на крајот на краиштата кој вовел концепт на партиски-мотивирани вработувања и бркања од работа.

 

Очекувано е дека на човек без никаква визија и идеи во однос на реформата на администрацијата, најлесно му е да прави политички проблем, да критикува и да предлага укинување на законско решение кое како светски и европски тренд во модерното управување со човечките ресурси, е воспоставено со поддршка на Европската Комисија и со учество на експертска и стручна јавност. И затоа го повикуваме Кирацовски, да се оттргне од партиските стеги барем до 16.30 часот кога истекува работното време, и да даде свој вистински придонес заедно да изградиме подобра, постручна, попрофесионална и поефикасна администрација!

 

Со почит

Министерство за информатичко општество и администрација