МИОА пред предвидениот рок ги реализира одредбите за унапредување на администрацијата

Скопје, 30 септември 2016 година

„Повторно пред истекот на законски предвидениот рок февруари 2017 година, МИОА е подготвено за реализација на новововедените законски одредби кои се однесуваат на раководните административни службеници, и тоа во насока на унапредување на нивните вештини и раководни компетенции“, изјави на денешната прес конференција Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

 

„Административното управување е концепт кој за прв пат се воведува во јавната администрација во Република Македонија и кој има за цел да обезбеди нововработените раководни службеници, уште пред да стапат на раководна позиција, да бидат подготвени за Управување со проекти и проектно работење (SWOT, PESTLE и Cost-Benefit анализи, формулација, имплементација, мониторинг и евалуација на проекти), Управување со јавни финансии (познавања од областа на управување со буџетите, сметководството, финансиските извештаи, јавните набавки, државната ревизија, користење и располагање со стварите во државна сопственост, како и јавната внатрешна финансиска контрола) и Управување со вработените и нивниот учинок (работната етика, односот кон стручното усовршување, грижата за личниот углед и угледот на институциите, начинот на комуникација со колегите и странките, однесувањето во службата)“, рече Арсовска Томовска.

 

За унапредување на менаџерските капацитети подготвени се 11 обуки, преку LMS системот, изготвени се прирачници кои беа промовирани денеска, и кои ќе бидат електронски достапни на веб страната на министерството, а подготвена е и база на прашања и студии на случај за полагање на испитот.

 

Ваквиот систематски пристап кон развојот на менаџерските вештини, во голема мера ќе придонесат за ефикасноста и успешноста на самите институции, во однос на реализацијата на нивните програмски цели, мотивацијата на вработените да обезбедуваат високо професионални и навремени јавни услуги за граѓаните и компаниите, како и домаќинското трошење на јавните пари.

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација