Арсовска Томовска на конференцијата „Стандарди за е-транспарентност и е-отчетност на локално ниво“

Скопје, 19 октомври 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска имаше воведно излагање на конференцијата со наслов: „Стандарди за е-транспарентност и е-отчетност на локално ниво“, во организација на Центарот за управување со промени, Центарот за одржлив развој АЛКА, Британската Амбасада и Делегацијата на Европската Комисија. Целта на конференцијата е да се отвори дебата за отвореноста и отчетноста на локално ниво и да ја покаже важноста на овие прашања во контекст на придобивките на отворена Влада.

 

Арсовска Томовска истакна дека уште од 2012 година е препознаена важноста за отвореност, соработка и консултации со граѓаните во креирањето на владините политики, при што нагласи дека Министерството за информатичко општество и администрација е координатор на иницијативата за Отворено Владино партнерство, за што досега се изготвени три Акциски планови.

 

Прашањето за локална транспарентност во контекст на Отвореното владино партнерство беше соодветно адресирано уште во вториот акциски план кој ги постави основите за заложбите утврдени со новиот, трет акциски план кој е подготвен со учество на сите засегнати страни меѓу кои и невладини организации, така што утврдени се заложби во 8 приоритетни области.

 

„Секоја поединечна заложба од третиот акциски план ја мапиравме со одржливите развојни цели на Обединетите нации, што не направи лидери во регионот. Со отворените 154 сета на податоци ние сме препознаени како регионален шампион, а секако ќе бидеме и први во регионот кога следниот месец ќе ги објавиме стандардите за мета податоци за отворените податоци и лиценцниот модел, кои ги развивме со поддршка на Австриската влада и кои утре, во рамките на вториот ден на оваа конференција ќе бидат иницијално промовирани“, истакна Арсовска Томовска.

 

Новите заложби имаат за цел да ја зголемат транспарентноста и отчетноста на локално ниво, да го поттикнат учеството на граѓаните во донесување на одлуки, да се унапреди квалитетот на услугите кои се во надлежност на локалната самоуправа преку вклучување на граѓаните во решавањето на проблемите, да го олеснат пристапот до информации и услуги односно да се овозможи поголема социјална инклузија на лица со попреченост на локално ниво како и да се воспостави функционален и стандардизиран систем за следење и мерење на квалитетот при обезбедувањето на јавните услуги на локално ниво.

 

Воведни излагања на конференцијата која ќе трае два дена, имаа и Министерката за локална самоуправа Ширет Елези, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Н.Е. Чарлс Едмунд Гарет, како и Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени. Конференцијата е во рамките на проектот „Граѓанинот на прво место“, финансиран преку CFCD а кофинансиран од Британската амбасада.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација