РЕАКЦИЈА на Министерството за информатичко општество и администрација

Скопје, 19 октомври 2016 година

Министерството за информатичко општество и администрација ја поздравува денешната прес конференција на потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, која неслучајно ја презема работата на опозицискиот заменик министер Кирацовски и за прв пат после цела година учество на опозицијата во министерството почна да зборува за реални теми кои ги интересираат граѓаните.

Но истовремено, и укажуваме на Шеќеринска дека тоа што таа го најавува за шест месеци, е веќе во фаза на реализација.

Имено министерството, со поддршка на УСАИД и експерти од катедрата за управно право на Правниот факултет во Скопје, веќе воспостави електронски Каталог на јавни услуги и внесе податоци за сите јавни услуги од областите здравство, образование, труд и социјала и транспорт. Во Каталогот, покрај потребните документи за остварување на правата на граѓаните и нивната цена на чинење, содржани се и податоци за надлежните институции кои ги издаваат овие документи, роковите за добивање на услугите, податоци за правни лекови и други релевантни податоци. Ја потсетуваме Шеќеринска и дека укинувањето на документите и доказите кои непотребно ги оптоваруваа процедурите го завршивме во јануари оваа година кога 169 материјални закони беа усогласени со новиот, европски Закон за општата управна постапка, додека задолжителната размена на документи по службена должност меѓу институциите беше воведена уште во 2014 година, со донесување на специјален закон за оваа намена. Што се однесува до најавата за двосменска работа администрацијата, во министерството веќе се прават анализи за најоптималниот модел кој од една страна ќе обезбеди можност граѓаните своите обврски да ги реализираат надвор од нивното работно време, а од друга страна нема да предизвикаат дополнителни трошоци за администрацијата, меѓу кои е и воведувањето на работна сабота.

 

На крај, радува фактот што дополнителниот заменик Кирацовски од ресорот администрација доби засилување од уште еден потпретседател на неговата партија, што од една страна е доказ за неговата неспособност, но од друга страна е добра најава за почеток на позитивна кампања за јавната администрација. Без оглед што денес слушнавме застарена идеја, искрено се надеваме дека во иднина ќе слушнеме барем еден корисен предлог. Реформата на јавната администрација е наш заеднички интерес и интерес на сите граѓани на нашата земја.

 

Министерство за информатичко општество и администрација