Македонија 9-та во светот, на натпреварот ′Microsoft Office Specialist′ во САД

Скопје, 25. октомври 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на настанот во организација на Certiadria, на кој беа сублимирани позитивните резултати од првиот Национален натпревар ′Microsoft Office Specialist′. Победникот од овој натпревар, 17 годишниот Марко Марковиќ ја претставуваше Македонија на Светското финале што се одржа во август во Орландо, САД, при што го освои високото 9-то место во Microsoft PowerPoint 2013, во конкуренција на 120 натпреварувачи од целиот свет.

 

Поздравувајќи го успехот на Марко, кој е ученик во Гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, Министерката истакна дека Македонија е веќе препознатлива дестинација на светската информатичка мапа, а доказ за тоа се и врвните резултати постигнати на светските и балканските олимпијади по информатика.

 

„Министерството за информатичко општество и администрација континуирано дава поддршка на натпревари, хакатони и маратони на кои учествуваат и нашите најмлади а кои во иднина ќе бидат водечката сила на напредокот на нашата држава. Националниот ’Microsoft Office Specialist’ натпревар, е секако еден од најзначајните натпревари кој придонесува за развојот на дигиталната писменост, но и развојот на натпреварувачкиот дух кај младите на еден креативен начин“, рече Арсовска Томовска.

 

Светскиот Натпревар ’Microsoft Office Specialist’ претставува глобален натпревар кој ги тестира вештините на учесниците во Microsoft Word®, Excel® и PowerPoint® од MS Office 2010 или MS Office 2013.

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација