Прес конференција на Министерката Марта Арсовска Томовска

Скопје, 26.октомври 2016 година

Почитувани,

Со оглед на фактот што деновиве повторно тема на политички маркетинг се вработените во јавниот сектор, јас како министер надлежен за ресорот администрација, чувствувам законска но пред се морална обврска да се обратам до сите вработени во јавниот сектор, но и до целата македонска јавност и да ја објаснам законската процедура преку која е загарантирана заштитата на секој граѓанин, вклучително и на вработените во јавните институции. Ова го правам со цел да спречам понатамошно ширење на дезинформации и користење на оваа тема за политички маркетинг од страна на определени државни функционери, кои се закануваат со затвори и казни за вработените, без притоа да имаат барем елементарно познавање на законската регулатива поврзана со оваа материја.

 

Уште на почетокот, пред да ја објаснам процедурата, дозволете ми да потенцирам дека сум остро против секаков обид за притисок, заканување, заплашување и уцени на вработените како во овој предизборен период, така и за време на изборите. Секој вработен е должен во работно време и на работно место да се однесува крајно професионално и политички неутрално и да не врши партиска пропаганда, во работно време да не учествува во партиски активности или партиски јавни настани, во работно време на себе да не носи и во работните простории да не истакнува партиски симболи. Активностите на вработените надвор од работното време и работното место се нивна лична работа, се додека не го нарушуваат угледот на институцијата во која работат и секој обид за ограничување на правото на слобода на дејствување и определување е пред се противуставен.

 

Што се однесува до процедурата за пријавување на притисоци, важно е да се има во предвид дека секоја форма на притисок, закана и уцена е кривично дело. Што се однесува до изборите, повредата на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и повреда на тајноста на гласањето, се кривични дела утврдени со Кривичниот законик (член 160, член 162 и член 163) и сите овие дела се гонат по службена должност. Јавното обвинителство, согласно Член 39 од Законот за кривична постапка е единствен и самостоен државен орган кој има стварна надлежност да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност. Оттука, секоја пријава за кривичните дела во врска со изборите, задолжително се процесуира до јавното обвинителство.

 

Повиците да се пријавуваат кривични дела на приватни веб страници, вонинституционално, се надвор од законските процедури особено што се користат само за медиумски кампањи и политичка промоција. Затоа го повикуваме јавното обвинителство да каже дали лицата кои прибираат вакви податоци досега воопшто имаат доставено било каква пријава или докази за сторено кривично дело. Единствено овој податок е релевантен да се оцени сериозноста на ваквите активности. Потсетуваме дека непријавувањето на кривично дело е исто така кривично дело.

 

Што се однесува до повикувањето на Законот за заштита на укажувачи, во флаери дистрибуирани од државни функционери, укажуваме дека заштитеното пријавување укажувачот треба да го врши внатрешно, во самата институција, во која има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес. Тоа не е и не може да биде државен, а истовремено и партиски функционер од друга институција.

 

Но во случаи кога укажувањето се однесува на раководното лице во самата институција, или кога укажувачот во врска со извршеното заштитено внатрешно пријавување не добие информација за преземени мерки во рокот утврден со закон или не се преземени мерки и укажувачот не е задоволен од постапувањето по внатрешното пријавување или се сомнева дека нема да се преземат мерки, или дека внтрешното пријавувањето ќе предизвика штетни последници по него или по негово блиско лице, укажувачот може да врши и надворешно пријавување, до Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување корупција, Народниот правобранител или друга надлежна институција. И во овој случај, законски се утврдени институции до кои се доставува пријава, и јасно е дека вакви пријави не може да прибира ниту еден функционер лично и вонинституционално. Процедурите се јасни и законски утврдени.

 

Во овој сериозен политички момент, ја поздравувам секоја искрена и добронамерна активност за заштита на вработените во јавниот сектор, но повикувам на доследно почитување на законските одредби кои ја пропишуваат оваа материја, затоа што јас лично, но и ние, како министерство за јавна администрација и сите наши претставници треба да бидеме пример за останатите функционери и институции во однос на професионално работење и однесување, правилна имплементација на законските одредби кои се однесуваат на политичка неутралност на работно место, забраните за заплашувања и притисоци и санкциите за такво евентуално постапување.

 

Ве повикувам и вас, седмата сила, сериозно да ја сфатите и вашата обврска за правилно и професионално информирање на јавноста и да не дозволите понатамошно дезинформирање на јавноста, за што однапред ви благодарам.