Втор Форум за Отворено владино партнерство

Скопје, 2.ноември 2016 година

Заменик Министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски се обрати на Вториот форум за Отворено владино партнерство, насловен како: „Пет години Отворено владино партнерство: за ЕУ интеграции, одржлив развој и луѓето“. Целта на овој Форум, во организација на Центарот за истражување и креирање политики, е да ги дискутира досегашните постигнувања, но и предизвиците коишто претстојат.

 

Министерството за информатичко општество и администрација е координатор на доброволната глобална иницијатива за Отворено Владино Партнерство во Република Македонија и како што истакна Муцунски, уште од почетокот е препознаена важноста од отвореност, соработка и консултации со граѓаните и граѓанскиот сектор при креирањето на владините политики.

 

„МИОА дава силна поддршка на владините институции во пресретнување на високите стандарди за исполнување на приоритетите на Отвореното владино партнерство. Во таа насока, во првата половина од оваа година успеавме да обезбедиме ангажираност и вклученост на владините институции и граѓанските организации во голем број на настани организирани со цел развивање на приоритетите кои се однесуваат на партиципативно креирање на политики, отворени податоци, слободен пристап до информации, спречување на корупција и добро владеење, фискална транспарентност, отвореност на локално ниво, јавните услуги и климатските промени“, рече Муцунски.

 

Тој посочи дека во консултации со владиниот, граѓанскиот и приватниот сектор и академските институции, досега се подготвени три акциски планови (2012-2014, 2014-2016 и 2016-2018):

 

„Третиот акциски план беше подготвен со директна вклученост на 489 претставници на сите засегнати страни, меѓу кои и 53 невладини организации, и заедно испланиравме 100 достигнувања и 34 заложби во 8 приоритетни области“, рече Заменик Министерот Муцунски, нагласувајќи дека во текот на подготовката на третиот Акциски план интегрирани се принципите за одржлив развој во Агендата за отворена влада. „Уште повеќе, отидовме и подалеку, па секоја поединечна заложба од третиот акциски план ја мапиравме со одржливите развојни цели, што не направи лидери во регионот“, нагласи Муцунски.

 

Инаку, Форумот се одржa во рамките на проектот “Застапување за отворена влада”, финансиран од Европската унија. Воведни обраќања имаа и Луиза Винтон, постојаната координаторка на Обединетите Нации и постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во Скопје, како и Марија Ристеска, Извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација