Арсовска Томовска ја отвори работилницата ′DIGIT 2016′

Скопје, 28 ноември, 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска ја отвори третата по ред работилница DIGIT 2016 на тема: „Digit Web – Community Websites“, во организација на Студентскиот парламент на ФИНКИ.

 

За разлика од претходните години каде што теми на работилници беа 3D моделирање и графички дизајн, на годинашниов DIGIT ќе се изработуваат Community WEB страни. Посакувајќи им успешна работа, Арсовска Томовска истакна дека со особено задоволство ги поддржува ваквите настани организирани од самите студенти и нивните здруженија, затоа што тие не само што обезбедуваат надградба и апликативна примена на нивните знаења, туку и директна комуникација и менторство од страна на нивните идни работодавачи, но и развој на деловна култура и претприемачки дух.

 

Работилницата која почнува денес ќе трае пет дена, и на неа обучувачи ќе бидат професори од ФИНКИ и експерти од ИТ компаниите. Ќе учествуваат 33 студенти од техничкиот кампус, со акцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, и истите стекнатите знаења и вештини од формалното образование, ќе ги надградат и потоа применат во развој на веб страни, од кои најиновативните и најкреативните ќе бидат наградени.

 

На настанот се обрати и Продеканот на ФИНКИ Боро Јакимовски кој им порача на студентите дека треба да ја искористат оваа можност за да научат многу повеќе и тоа надвор од училишните клупи и да бидат во тек со новите технологии, но во исто време да развијат тимски и натпреварувачки дух.

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација