Прва работилница за "Blockchain" технологија во регионот

Скопје, 29 ноември, 2016 година

Вчера и денеска, во организација на Фондацијата Телеком за Македонија, експерти од една од најголемите технолошки компании во светот, IBM, одржаа три работилници на тема “Blockchain” технологија. Ова се први работилници од ваков вид во регионот, истите се одржаа во Скопје и беа посетени од преку 100 учесници од македонските ИКТ компании, ИТ експерти вработени во јавните институции, како и професори, асистенти и студенти од ИКТ факултетите на државните универзитети.

 

Учесниците на работилниците имаа единствена можност да се запознаат со новата “Blockchain” технологија која се смета дека ќе биде револуционерна исто како и самиот Интернет, и дека во следниот период масовно ќе почне да се користи и постепено да ги заменува актуелните ИТ архитектури и процеси.

 

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска - Томовска, која беше присутна на работилниците, објасни дека "се работи за сосема нов начин на процесирање на дигитални трансакции, преку користење на т.н. децентрализирана база на податоци и дистрибуирано процесирање кое се врши на стотици компјутери. Тоа што сите овие машини чуваат трага од секоја трансакција, значи дека не постои можност за било какви промени отпосле, што гарантира исклучително висока безбедност и доверливост на трансакциите, како и голема брзина на процесирањето. Технологијата во следните неколку години се очекува да почне широко да се применува во сите сектори, почнувајќи од финансискиот, преку трговијата, па се до владините електронски услуги, и од тие причини е исклучително важно македонските ИТ експерти да ја запознаат пред истата да стане светски тренд."

 

Експертите од компанијата IBM изразија огромно задоволство од нивото на интерес и покажаното разбирање за најмодерните технолошки концепти од страна на македонската публика, особено од студентите, од кои всушност добија и конструктивни предлози за идниот развој на технологијата. "Македонија", рече Алан Турлоу од ИБМ," покажа лидерство и капацитет да иновира, значи не само да ги следи туку и да учествува во креирањето на новите светски технолошки трендови."

 

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација