Прес-конференција на Заменик Министерот Тимчо Муцунски

Скопје, 06 декември, 2016 година

На овие избори, како никогаш досега јавната администрација е главна цел на притисоци, закани и омаловажувања од партии, но и невладини организации чии политики се поклопуваат со дел од партиските.

 

Како што кампањата за парламентарните избори влегува во завршна фаза, така административците станува предмет на се поголема злоупотреба, притисоци и манипулации.

 

Во оваа синхорнизирана активност на систематски притисок, сеење трав,несигурност и закани, покрај политичките партии од опозицијата и нивните претставници, непосредно се вклучени и граѓанските организации и здруженија кои наводно имаат за цел да ја следат регуларноста на изборите.

 

Ваквата стратегија не е нова. Во минатото од некои партии се најавуваше бркање од работа на сите вработени од хигиеничари до административнци, а сега на таквите закани се додава и доза на додворување. Новиот момент во оваа стратегија е активното и агресивно вклучување на некои невладини организации кое излегува од границите на законот. Тие ги таргетираат и етикетираат административците, им се закануваат и ги потценуваат се со една единствена цел, да се надоврзат на партиската агенда која би обезбедила некој глас повеќе или би фрлиле некаква сенка на претстојното гласање.

 

Пред само неколку месеци вработените во јавниот сектор секојдневно беа етикетирани како политички кадри со кои треба да биде расчистено, а јавниот сектор дека е гломазен, преобемен и неефикасен.

 

Хипокризијата влегува во терминална фаза, а работата излегува од контрола, така што последните денови сме сведоци на отворена и систематска политичка хајка врз администрацијата.

 

Секојдневно до вработените стигнуваат перонализирани писма, а пред самите институции се делат летоци во кои се искажуваат отворени закани дека ќе бидат водени кривични постапки и ќе бидат изрекувани санкции. Секојдневно до нас стигнуваат реакции од самите вработени кои отворено се противат на ваквите брутални методи за застрашување и бараат заштита.

 

Со сите наведени активности се создава перцепција дека овие избори зависат исклучиво од гласот на вработените во јавниот сектор, дека во истиот се врши масовен притисок и дека иднината на овие вработени зависи исклучиво од милоста на некои политичари, а не од нивната работа.

 

На неколку дена пред изборите, упатуваме апел да сите вработени во јавниот сектор, да останат смирени и достојни на работата која ја вршат и да не дозволуваат за ситен политички маркетинг и заради оправдување на нечии вложени средства, некој да го сруши нивното достоинство, што очигледно е основна цел на оваа организирана кампања.

 

 

Сите вработени кои се чувствуваат загрозени од ваквите политички активности на некои партии и невладини организации, да испратат пријави за заканите до државната изборна комисија, народниот правобранител, јавното обвинителство и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Неопходна е сериозна истрага од каде една невладина организација располага со база на податоци во кои се содржани сите лични податоци на јавната администрација.

 

Како во минатото така и денес вработените во јавниот сектор треба да покажат дека се над нивото на овие лица и понатаму да продолжат достоинствено и професионално да си ги извршуваат своите работни обврски.

 

Упатуваме апел и до сите вклучени во оваа нечесна политичка игра веднаш да запрат и да се воздржат од ваквите, во најмала рака неморални и неетички активности, затоа што изборите ќе поминат, а негователите, учителите, наставниците, професорите, лекарите, глумците, музичарите, војниците, полицајците, службениците и сите останати вработени во јавниот сектор ќе продолжат и понатаму да ги извршуваат функциите кои се од витално значење за непреченото функционирање на државата и мирниот живот на граѓаните.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација