Арсовска Томовска во Брисел, на форумот: „Балкан - зацврстување на врските на патот кон Европската Унија“

Брисел, 07 декември, 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на редовниот годишен форум во Брисел, насловен како: „Балкан - зацврстување на врските на патот кон Европската Унија“, во организација на „Пријатели на Европа“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, со поддршка на Советот за регионална соработка.

 

Настанот претставуваше одлична можност за размена на мислења и искуства во однос на главните предизвици кои му претстојат на регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Унијата, при што беа присутни високи политичари од регионот, креатори на политики и тинк тенк организации.

 

Министерката учествуваше на панел дискусијата: „Привлекување на бизниси и инвестиции преку зајакнувањето на регионалната поврзаност“, при што ја истакна потребата од подигнување на свесноста околу неопходноста од поврзување со широкопојасен интернет, како и дигитално поврзување.

 

„Регионалната агенда за поврзување, која го става фокусот врз транспортот и енергетиката, не може да биде комплетирана без важниот аспект на дигиталното поврзување", истакна Арсовска Томовска, потенцирајќи дека регионалната дигитална поврзаност е важна за зголемување на прекуграничните услуги со цел развој на дигиталната економија во регионот како и иновативниот потенцијал.

 

На форумот се дискутираше и за спроведување на реформски мерки во насока на отворање на пазарот, создавање транспарентна регулаторна рамка со која ќе се зајакне довербата кај инвеститорите, како и отстранување на евентуалните бариери.

 

 

Меѓу високите учесници беа и Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан, специјалниот пратеник за ОБСЕ и Западен Балкан во Чешкото Министерство за надворешни работи Штефан Фуле, европратеничката Дорис Пак, како и Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација