Арсовска Томовска на Светскиот самит за Отворено владино партнерство во Париз

Париз, 08 декември, 2016 година

Во рамките на четвртиот по ред ′Светски самит за Отворено владино партнерство 2016′ во Париз, Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на две панел-дискусиии насловени како: „Градење на доверба во Владите„ и ,, Одговорност и отчетност кон граѓаните преку јавните услуги,, како и на Министерската тркалезна маса посветена на имплементацијата на Отворена влада.

 

Учесниците дискутираа за можностите кои ги нуди отворената влада во однос на реформите во јавниот сектор и социо-економскиот развој, а беа разменети мислења и за иднината на Агендата за отворена влада. Арсовска Томовска меѓу другото се осврна на начините со кои јавната администрација ќе биде отчетна и ќе претставува вистински сервис за граѓаните.

 

Самитот, кој се одржува од 7. До 9. декември е во организација на Владата на Република Франција, ОЕЦД и иницијативата Отворено владино партнерство . На него учествуваат политички лидери и претставници на граѓанското општество од 70 земји во светот: вкупно 3 илјади присутни и тоа шефови на држави или влади, министри, државни службеници, парламентарци, локални власти, претставници на граѓански организации. Меѓу учесниците се и Претседателот на Франција Франсоа Оланд, како и Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

 

Во рамки на посетата, Министерката Арсовска Томовска исто така имаше можност да сподели искуства со своите колеги министри од повеќе земји во Европа и светот, за теми како: зголемување на инклузивноста при креирањето политики и испораката на услуги, зајакнување на владиното партнерство со граѓаните и граѓанските организации, како и придонесот на отворената влада кон доброто управување, демократијата и инклузивноста.

 

Инаку, Република Македонија во 2011-та година пристапи кон глобалната инцијатива за Отворено владино партнерство. Согласно обврските за сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива, досега се подготвени три акциски планови ‎(2012-2014, ‎2014-2016 и ‎2016-2018).

 

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација