Арсовска Томовска на „Глобалниот самит на жени лидери 2017“ во Скопје

Скопје, 17 февруари 2017 година

Истакнати жени лидери од пет континенти учествуваат на дводневниот „Глобален самит на жени лидери 2017“, кој во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и во соработка со Асоцијација на бизнис жени во Република Македонија, се одржува во Скопје.

 

Пред денешното отворање на самитот министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, изјави дека застапеноста на жената во повеќе сфери од општественото живеење, особено на менаџерски или раководни позиции, вклучително и во политиката не е на задоволително ниво и на тоа треба да се посвети поголемо внимание.

 

„Она што е најважно е инпутот што жените го даваат кога ги носат одлуките заедно со мажите заради тоа што женската перспектива е сосема различна од машката.„- додаде Арсовска Томовска.

 

Инаку, целта на самитот е остварување на меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство, детектирање на предизвиците со кои се соочуваат жените на раководните функции, креирање на стратешки политики за развој, како и механизми кои позитивно ќе влијаат на економијата.

 

На Самитот се очекува да биде промовирана и Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор во која првпат се вклучуваат и жени лидери од Македонија, во насока на размена на искуства, креирање јавни политики и хармонизација со глобалните трендови.

 

Министерката Арсовска Томовска како панелист ќе се обрати утре, на вториот ден од самитот.

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација