Презентиран годишниот извештај за податоците од Регистарот на вработени во јавниот сектор за 2016 година

Скопје, 16 март 2017 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска го презентираше вториот годишен извештај за податоците од Регистарот на вработени во јавниот сектор, кој е за 2016 година. Податоците за првпат се презентирани на начин кој обезбедува транспарентен приказ за обемот и структурата на јавниот сектор во државата, со што се добива прецизна слика за состојбите и трендовите во јавната администрација.

 

Во јавниот сектор на Република Македонија активни се 1.291 институции, во кои работен однос имаат засновано 129.653 лица. Од нив 19.342 лица се вработени во Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Министерството за внатрешни работи и органите во негов состав со статус на овластени службени лица за кои во Регистарот се водат податоци само за бројот, но не и за нивната структура. Така, во Извештајот е направена анализа на структурата на податоци за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, додека мажи се 51.200. Просечната возраст на овие вработени изнесува 45,43 години, кај жените просекот е 44,72 години, додека кај мажите 46,25 години. Најмлади се 9 вработени, на возраст од 19 години, а највозрасни се 21 вработен на возраст од 67 години. Од сите вработени, 485 се без образование, 270 се полуквалификувани, 412 се квалификувани, 9.236 се со основно образование, 36.310 се со средно образование, 4.883 се висококвалификувани, 6.515 се со вишо образование, 48.322 се со високо образование, 2.107 се магистри, а 1.771 се доктори на науки. Во однос на етничката структура, 82.900 се Македонци, 21.279 се Албанци, 1.781 се Турци, 1.272 се Срби, 1.215 се Роми, 479 се Бошњаци, 478 се Власи, а 907 се други или не се изјасниле.

 

„Оваа година имавме намера да излеземе со сериозна анализа за обемот и структурата на јавниот сектор, со тоа што направивме анализа и на организацијата на државата. Притоа беа класифицирани и институциите според основач, дејност, тип, големина, но и обем и структура на вработените по дејности, односно пол, возраст, образование и етничка структура“, рече Арсовска Томовска.

МИОА оваа година за првпат изработи и публикација во 30 примероци, која им беше дистрибуирана на новинарите, а за пошироката јавност е достапна онлајн, на интернет страницата на Министерството, на следниов линк:

http://mioa.gov.mk/files/pdf/dokumenti/Godisen_izvestaj_2016_Registar_na_vraboteni_vo_JS.pdf

 

Публикацијата е изработена врз основа на податоците во Информациониот систем за управување со човечки ресурси, како и податоците од повеќе државни институции кои помагаат за редовно следење, проверка и ажурирање на податоците во системот. Свој придонес дадоа и Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација