Арсовска Томовска им ги врачи дипломите на најдобрите студенти на ФИНКИ

Скопје, 30 март 2017 година

Факултетот за информатички науки и инженерство (ФИНКИ) денеска организираше свеченост на која беа врачени дипломи на сите дипломирани и магистрирани студенти од 2016-та година, како и награди и пофалници за најдобрите студенти. Станува збор за бројка од 212 дипломци односно магистри, како и 40 најдобри студенти на ФИНКИ кои имаат просек над 9,5.

 

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која им ги додели наградите на најдобрите студенти, истакна дека постои голем интерес кај компаниите да ги ангажираат студентите на пракса додека се уште се на студии, а потоа и да ја продолжат работата во истите компании.

 

„Многу сум задоволна од квалитетот на кадрите што ги продуцира ФИНКИ, што се потврдува во контактите и разговорите со сопствениците на странските и домашни компании“, рече Арсовска Томовска, изразувајќи задоволство од долгогодишната одлична соработка меѓу МИОА и овој факултет.

 

Заблагодарувајќи му се на Министерството за информатичко општество и администрација за континуираната поддршка, деканот на ФИНКИ Иван Чорбев особено го истакна личниот ангажман на Министерката Арсовска Томовска во обезбедувањето на Cloud Data центарот на ФИНКИ.

 

„Препознавајќи ги потенцијалите на ФИНКИ и со силно лично залагање на министерката Арсовска Томовска, а со поддршка и на МОН, нашиот факултет е избран за седиште на исклучително важен интегриран податочен центар, кој се реализира како донација на НР. Кина и кој ќе биде главен стожер за идните проекти за унапредени дигитални образовни процеси во државата“, истакна Чорбев.

 

Инаку, свеченоста беше организирана по повод шестиот роденден на ФИНКИ, кој беше основан во 2011 година во рамките на УКИМ и е меѓу најголемите факултети за информатичка технологија (ИТ) во регионот.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација