РЕАКЦИЈА

Скопје, 13.април 2017 година

Во врска со денешната прес-конференција на Здружението на новинари на Македонија, на која се изнесени податоци за трошење на средства за субвенционирање на националните медиумски куќи за производство на домашна играна и домашна документарна програма, Ве известуваме за следното:

 

Министерството за информатичко општество и администрација го помага производството на домашна играна и домашна документарна програма за трговските радиодифузни друштва (националните тв куќи) и јавниот радиодифузен сервис, согласно членот 92 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги содржи критериумите и условите за апликација, начинот на работата на Меѓуресорската комисија која ги одобрува проектите, следењето на процесот на производство, како и исплатата на надоместокот за покривање на трошоците.

 

Имено, станува збор за исплата на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50% при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма.

 

Изминатите неколку години, македонските национални медиуми и јавниот сервис произведоа сопствена програма, која ја збогати програмската понуда со нови видови на содржини кои обработуваат различни области од нашето општествено живеење, со теми од историјата, културата, традицијата и фолклорот, потоа детска програма, како и производство на играна програма која дотогаш и да ја немаше во медиумите. Овој процес дополнително ја стимулира домашната продукција, преку нови вработувања и ангажмани за реализација на проектите, беа вклучени разни профили од телевизискиот сервис, продуценти, сценаристи, режисери, актери, тон мајстори, камермани... Тоа во целина придонесе за еден нов елан во домашната медиумска продукција.

 

Медиумите треба да ги исполнуваат професионалните стандарди за да може нивниот проект да биде одобрен, како на пример сценарио за ТВ филм или сценарио за секоја епизода за ТВ серија, кратка содржина (синопсис) за документарна програма, потоа технологија за продукција за домашна играна програма, рок и динамика за производство со назначување на локациите на снимање, предвидени ресурси за производство, финансиска конструкција на проектот, со детален приказ на трошоците за производство итн.

 

Исто така, за изборот на проектите кои се субвенционирани одлучува Меѓуресорска комисија составена од компетентни и стручни кадри кои имаат искуство во медиумското работење, на крајно транспарентен, објективен и непристрасен начин.

 

Оттука, целта на субвенционирањето на проектите воопшто не е купување на наклонетоста на медиумите, како што изнесува во јавноста Здружението на новинарите на Македонија, туку стимулирање и помагање на домашното медиумско производство, заради поголема квалитативна програмска понуда на гледачите.

 

Успешноста на проектите е дотолку поголема што на Јавниот повик кој се распишува од страна на министерството, учествуваат сите национални тв куќи, без оглед на нивната уредувачка, програмска или политичка определба, а досега не е евидентирана ниту една забелешка или тужба од нивна страна. Помеѓу финансираните серии/документарни серијали се вбројуваат:

 

1. ТВ Серијата “Преспав” емитувана од страна на ТРД Телма ТВ

2. Документарната програма “Досие МК” емитувана од страна на ТРД АЛФА ТВ

3. Играниот филм “Вистинска љубов” емитуван од страна на ТРД Канал 5 ТВ

4. ТВ Серијата “Ајде дедо кажи ми” (Македонски народни приказни) емитувана од ТРД Сител ТВ

5. 18 документарни емисии емитувани на ТРД АЛСАТ М, меѓу кои се вбројуваат документарни емисии за “Археолошки ископувања на претпоставениот древен град Пелагонија”, “Планината Јабланица”, итн...

 

Исто така, сакаме да укажеме и на фактот дека ваков вид на стимулирање на домашната продукција постои во земји членки на ЕУ и други европски земји, како што се Хрватска, Словенија, Ирска, Србија, Црна Гора итн., додека пак во Израел постои фонд за поттикнување на локалната продукција.

 

По однос на досега исплатените средства на медиумите од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, информираме дека во 2014 година, се исплатени вкупно 32.946.324 денари, во 2015 година се исплатени вкупно 30.184.446 денари, додека во 2016 година вкупно 30.062.150 денари. Станува збор за исплатени средства на ЈП Македонска радиотелевизија, ТРД Сител, ТРД Канал 5, ТРД Телма, ТРД Алфа и ТРД Алсат М. Овие бројки не соодветствуваат со податокот објавен на денешната прес-конфернција на ЗНМ, каде што беше наведено дека се потрошени 700,000.00 eвра во 2016 година за оваа намена.

 

Би сакале да истакнеме дека од податоците и фактите изнесени на денешната прес-конференција очигледно е дека Насер Селмани сега, како и обично, не зборува вистина и дека тој лично нема интерес да се негува македонската култура и традиција.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација