Арсовска Томовска на Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“

Скопје, 19. април 2017 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на отворањето на Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“, кој има за цел поврзување на работодавачите со студентите, а e во организација на студентските парламенти на ФИНКИ и ФЕИТ.

 

„Според податоците на Централниот Регистар, бројот на компании во земјата регистрирани во дејностите трговија со компјутери, опрема и софтвер, телекомуникациски дејности, компјутерско програмирање, компјутерски консултански дејности, обработка на податоци, хостирање и останати услуги во врска со информатичката технологија, или ИКТ компании, во моментот изнесува 1.680, од кои дури 67 се отворени во првите 4 месеци од оваа година. Ова значи 10-кратно зголемување на бројот на регистрирани субјекти во овие дејности ако се спореди со состојбата од пред 10 години“, истакна Арсовска Томовска.

 

Министерката потенцираше дека програмерите се најбараните ИТ профили на пазарот на трудот во Република Македонија но и во светот, додавајќи дека просечната нето плата во дејноста компјутерско програмирање во јануари 2017 година изнесувала 54 илјади денари, што е повеќе од двојно од просечната месечна исплатена плата во државата.

 

„ИКТ професионалци се вработуваат и во сите останати дејности, и тоа сѐ помасовно, па скоро и да не постои компанија со над 20 вработени која нема вработено информатичар. Во моментот, на пазарот на трудот регистрирани се само 401 формално невработено лице, активен барател на работа, со диплома од областа на информатиката, што е само 2 промила во вкупната стапка на невработеност во земјата. Прашање е дали истите не се некаде неформално вработени", истакна Арсовска Томовска.

 

Таа посочи дека сѐ поголемиот број на технолошки компании во земјава, како и нивните зголемени потреби и предизвици да обезбедат доволно работна сила, иако се индикатор за моќта и силата на ИТ секторот, ако правилно и навремено не се адресираат, можат да станат пречка за идниот развој на оваа област и за позицијата која нашата земја ја има во регионот. „Затоа мораме заедно да работиме да произведеме повеќе и подобри информатички кадри“, рече Арсовска Томовска.

 

Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“ се одржува по 4-ти пат и ќе трае до 21. април. Вкупно 19 компании ќе се претстават во кампусот на техничките факултети (Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ, Машинскиот факултет – МФС и Техничко-металуршкиот факултет - ТМФ). За времетраењето на саемот, ќе бидат организирани бесплатни едукативни модули преку кои студентите ќе дознаат како правилно се пишуваат професионално CV и мотивационо писмо, а ќе биде организирана и симулација на интервју, еден на еден.

 

На отворањето се обратија и Деканот на ФИНКИ Иван Чорбев како и претставници од студентските организации на ФИНКИ и ФЕИТ.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација