Муцунски на промоцијата на Прирачникот за спречување на корупцијата во локалната администрација

Скопје, 19. април 2017 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски присуствуваше на промоцијата на Прирачникот за спречување на корупцијата во локалната администрација, подготвен од Фондацијата Конрад Аденауер и Македонското здружение на млади правници, а поддржан од МИОА.

 

Обраќајќи им се на присутните, тој ја истакна важноста од професионалност во јавната администрација, која во согласност со законските прописи, мора да биде високо одговорен и сигурен партнер на граѓаните и економските субјекти.

 

„Етиката, професионалниот интегритет, одговорноста и чесноста на службениците се од исклучителна важност за постигнување висок квалитет во исполнувањето на нивните работните задачи и обврски, од кои произлегуваат определени дејствија и резултати. Конфликтот на интереси треба да биде доволна причина за нивно задолжително исклучување од процесот на донесување на одлуки, а борбата против корупцијата задолжителен услов за понатамошна модернизација на јавната администрација“, истакна Муцунски.

 

Според него, Владата на Република Македонија со модернизацијата на законодавството од областа на службеничкиот систем и управната постапка, уште понепосредно се вклучува во борбата против секоја форма на корупција.

 

„Тоа е долгорочна определба, која има за цел обезбедување на поквалитетни услуги и правна предвидливост, како за граѓаните на нашата земја, така и за големиот број странски инвеститори кои го истакнуваат нивниот интерес за инвестирање во Република Македонија. Овој прирачник е наменет да послужи за секоја од засегнатите страни, почнувајќи од вработените во локалната самоуправа, преку вработените во јавниот сектор, сѐ до граѓаните, трговските друштва, невладиниот сектор, медиумите и другите заинтересирани субјекти. Прирачникот претставува добра алатка за секој што ќе одлучи да го користи“, рече Заменик министерот.

 

На промоцијата на Прирачникот присуствуваа и Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски, како и претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер Јоханес Рај.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација