Манчевски:Двојно поголема можност за учество на граѓаните при подготовка на прописите, рокот за консултации на ЕНЕР се зголемувa

Скопје, 17 август 2017 година

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција. Министерот Манчевски ја презентираше одлуката на Владата, рокот за консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи, да го зголеми од 10 на 20 дена.

 

Како што истакна Манчевски, зголемувањето на рокот за консултации има за цел да поттикне поголемо учество на пошироката јавност при подготовка на прописите. На тој начин креаторите на политиките ќе носат одлуки засновани на аргументи и во консултација со сите засегнати страни.

 

Како што најави Владата во својата програма, со целосна примена на ЕНЕР ќе се овозможи системски и отворен дијалог и со бизнис-заедницата.

 

Собранието во изминатите неколку години имаше пракса да носи закони по скратена постапка. Од 2011 до 2016 година, повеќе од половина од законите се донесени по скратена постапка, а само во 2015 повеќе од 70%. Оваа пракса на Собранието, резултираше со мал интерес на граѓаните да коментираат, да даваат свои сугестии и препораки на објавените предлог законски измени на ЕНЕР. Граѓаните не беа вклучени во подготовката на најголем дел на предлог закони, потенцираше министерот Манчевски.

 

Со оваа измена во Деловникот за работа на Владата, сите засегнати страни ќе имаат можност да се вклучат во креирање на новите предлог закони.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација