Проект „Модернизација на инспекциските служби“

Скопје, 30 август 2017 година

Денеска се одржа промотивен настан за проектот „Модернизација на инспекциските служби“, имплементиран од ИДЕАС ДеПо во соработка со МИОА, а финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

 

Воведни обраќања имаа министерот Дамјан Манчевски, директорот на Проектот за модернизација на инспекциските служби, Александар Шахов, како и претставникот на УСАИД за Македонија Дејвид Атебери.

 

Главна цел на проектот „Модернизација на инспекциските служби“ е да поддржи креирање на модерен, лесно достапен, предвидлив инспекциски систем, кој ќе настојува да постигне зголемена ефикасност на инспекциските служби како и доброволна усогласеност преку спроведување добри практики и принципи во процесот на инспекцискиот надзор.

 

Потенцирајќи дека една од стратешките определби на МИОА е унапредување и контиунирано стручно оспособување на административните службеници, министерот Дамјан Манчевски истакна дека една од клучните компоненти на проектот е вклучување на самите инспектори во процесот на утврдувањето на слабостите и недостатоците во инспекцискиот систем, така што овој пристап не само што ќе доведе до креирање на подобри решенија, туку и на соодветни обуки на вработените во инспекциските служби, согласно нивните потреби.

 

Министерот Манчевски се заблагодари за соработката со УСАИД и ИДЕАС ДеПо и изрази задоволство што МИОА ја има поддршката и од граѓанскиот сектор но и од меѓународната заедница во процесот на унапредување и подобрување на работата на инспекциските служби, како дел од вкупната реформа на јавната администрација.

 

На денешниот настан беа презентирани целите на проектот, како и активностите на прoектот за стручно усовршување на инспекторите, а беше претставена и Академијата за стручно усовршување на административните службеници. Се одржа и отворена дискусија на која присутните имаа можност да ги дадат своите предлози, сугестии и мислења во насока на унапредување на ефективноста на инспекциските служби.

 

Крајната цел на проектот „Модернизација на инспекциските служби“ - за кој претходно беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу МИОА и ИДЕАС ДеПо - е подобрување на бизнис климата и на животот на граѓаните.

 

Проектот е предвидено да трае во наредните три години, заклучно со септември 2020 година.

 

Видео од изјавата за медиуми и одговори на прашања:

 

Видео од обраќањето на министерот Манчевски:

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација