МИОА потпиша меморандум за соработка со „Македонска платформа против сиромаштија“

Скопје, 15 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска потпиша меморандум за соработка со Сојузот на здруженија на граѓани „Македонска платформа против сиромаштија“.

 

Целта на меморандумот за соработка е размена на податоци коишто ќе произлезат од истражување кое што во наредниот период ќе биде спроведено од „Македонска платформа против сиромаштија“. Истражувањето се однесува на вклученост на граѓаните во креирањето на јавните политики и соработка на административните службеници со граѓаните при остварувањето на своите права.

 

Истражувањето треба да му даде јасна слика за просечниот период во кој граѓаните ги добиваат бараните документи, вклученост на службениците во процесот на обработка на барањата, потребно време за спроведување на уписите или промените на личните податоци во матичните евиденции и пристапот и можностите кои ги нуди постоечкиот систем, инклузивноста на процедурите и соработката на службениците со граѓаните.

 

Исто така, истражувањето ќе се спроведува и во конкретни институции со надлежни службеници со цел да се утврди дали институциите сметаат дека располагаат со доволно технички капацитети и доволен број соодветно обучени човечки ресурси за да одговорат на барањата на граѓаните.

 

Само со споредба на одговорите од двете страни, може да се добие вистинската слика и правецот во кој треба да се движи системското подобрување, за кое се залага Министерството за информатичко општество и администрација.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација