Прес конференција на тема: „Зборот е збор! 100 дена Влада на Република Македонија“

Скопје, 26 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција на тема: „Зборот е збор! 100 дена Влада на Република Македонија“. Во прилог интегрално обраќањето на министерот Манчевски.

 

Почитувани,

Во првите 100 дена од доаѓањето на позиција министер за информатичко општество и администрација, заедно со мојот тим работевме посветено на реализација на заложбите и ветувањата дадени на граѓаните и проектите предвидени во Програмата на Владата на Република Македонија и Планот 369.

 

Во делот на јавната администрација се соочивме со големи предизвици. Јавната администрација во последниве десет години стана сервис за згрижување на партиските кадри на власта и систем за изборна корупција и клиентелизам. Ова ја направи администрацијата партизирана, нестручна и неефикасна. Една од главните причини за оценката за Македонија како „заробена држава“ ја добивме токму поради овие проблеми во јавната администрација.

 

Со цел да обезбедиме одвојување на партијата од државата и воспоставување на ефикасна администрација, во служба на граѓаните, започнавме со реформи во јавната администрација.

 

Зборот е збор! Ветивме дека реформите нема да бидат необмислени и хаотични. Тие ќе се базираат на нова Стратегија за реформа на јавната администрација. Во изминатите 100 дена ги прифативме сите забелешки од СИГМА и во дебатата за стратегијата ги вклучивме сите засегнати страни. Покажавме сериозна посветеност и политичка волја. Тоа беше силно поддржано и поздравено од Европската Комисија. Повторно е воспоставен дијалогот со ЕУ за РЈА, кој беше прекинат во 2015 година, како едно од клучните прашања поврзани со европската интеграцијата на МК.

 

Во изминатите 100 дена, како што ветивме, донесовме одлука за утврдување распоред на работното време на Владата, министерствата и другите органи на државната управа, со која се воведе флексибилно работно време. Воведовме и двосменско работење во службите на институциите кои издаваат лични документи, дозволи, лиценци и сл.

 

Со ова се зголеми мотивацијата за работа, а се обезбеди и баланс меѓу професионалниот и личниот живот на вработените. Од друга страна им излеговме во пресрет на граѓаните и бизнисите и им овозможивме полесен и поефикасен пристап до документи, потребни за остварување на нивните права и интереси.

 

Предложивме измени на Законот за административни службеници, со цел поедноставување на постапката за селекција, овозможување на побрзо напредување во кариерата, како и намалување на притисокот врз вработените, предизвикан од спроведување на оценувањето.

 

Се предлага укинување на меѓународно признатите сертификати за познавање на еден од трите светски јазици, како и на делот од испитот за проверка на интелектуалниот капацитет и тестот на личност. Овие сертификати и испити претставуваа финансиско оптоварување за кандидатите.

 

Во однос на постапката за унапредување, се дава можност административниот службеник на интерен оглас да се унапреди, наместо само за едно, во најмногу 3 повисоки нивоа. Ова мерка треба да ја зголеми мотивираноста на вработените кои долго време се на најниски позиции. Ќе спречи и заминување на професионални и квалитетни кадри од јавниот сектор. Но, најважно ќе овозможи пополнување на празните раководни места во институциите, кои во голем број и долго време се празни.

 

Со измената се укинуваат мерките за одличен и слаб ефект. Ако целта на оценувањето е подобрување на индивидуалната изведба со што би се подобриле резултатите на работењето, тогаш сосема извесно е дека изрекувањето на мерките за слаб ефект не придонесува за нејзино остварување. Напротив, ваквото решение само создава притисок и чувство на несигурност кај вработените. Оценувањето беше еден од главните механизми за политички притисок на вработените во јавната администрација.

 

Администрацијата мора да има системски и отворен дијалог со бизнис-заедницата. Дополнително, таа мора да обезбедува навремени и точни информации, квалитетни услуги и ефикасност. Го зголемивме минималниот број денови за консултација во рамките на Националниот електронски регистар на регулативи (ЕНЕР) на 20 дена. Воедно, ќе го реформираме механизмот за проценка на влијание на регулативата (ex-post), со задолжително учество на НВО и бизнис заедницата. Со ова ставивме крај на правната несигурност и дискреционите одлуки на институциите кои влијаат на деловната клима.

 

Една од најчуваните тајни во Македонија беше вкупниот број на вработени.

Регистарот на јавна администрација што треба да даде одговор на ова прашање го затеков непополнет, нецелосен, недостапен, со јавно необјавен број на постојани и привремени вработувања. Регистарот на јавната администрација не смее и нема да дозволам да биде тајна за оние кои го финансираат, односно за граѓаните. Затоа, во овие 100 дена почнавме со анализа и поединечна проверка на податоците во него, како и на изнаоѓање начин со кој граѓаните ќе имаат увид во податоци за сите вработени во јавната администрација, по институции.

 

За целите за поединечна проверка се креираше и дополнителна улога во системот чии привилегии се само преглед на органограмите на институциите, со цел повеќе луѓе да можат да се вклучат во проверката. Започнавме со обуки за сите вработени на кои им требаа дополнително знаење за користење на Регистарот.

 

Направивме поединечна проверка на сите вработувања во изборниот период, кога согласно изборниот законик и изборната регулатива која важеше согласно Договорот од Пржино, не беа дозволени никакви вработувања и ангажирања на луѓе. По обработка на податоците прибавени од надлежни институции и вкрстена анализа, констатирани беа одредени прекршувања на изборните правила. Целосната документација е предадена на надлежните инспекторати.

 

Во првите 100 дена започнавме функционална анализа за состојбите во администрацијата, со цел нејзина реорганизација. Администрацијата мора да биде поефикасна. Администрацијата не смее да е товар, туку сервис на граѓаните. Наш приоритет се задоволни граѓани кои лесно, брзо и достапно можат да ги остваруваат своите права. Нашите политики се јасни: гарантираме професионална и департизирана јавна администрација, способна да ги обезбеди правата и интересите на граѓаните во.

 

Работиме на тоа граѓаните да ги обезбедуваат своите права побрзо, полесно, поквалитетно и поевтино. Исто така, започнавме динамична функционална анализа на состојбите во сите инспекторати. Во тој правец се одржа и првата обука преку Академијата за стручно усовршување на административни службеници на министерството, воопшто.

 

Првиот ден на вработените во министерството и во сите други институции им дадов збор дека нема да има никакви политички и партиски одмаздувања, отпуштања. Дека сите кои одговорно си ја работат работата, ќе ја имаат мојата поддршка. Им ветив дека вратите кај мене се отворени за сите подеднакво, дека нема потреба од страв или послушност. Нашата заложба е професионална, стручна, ефикасна и задоволна администрација, но и администрација која е сервис на граѓаните, а не партиски слуга. Тоа ветување го остварувам!

 

 

Кога дојдов во МИОА затекнав започнати, а незавршени ИТ проекти финансирани од различни фондови. Искрено, очекував дека ќе има проблеми, но не очекував дека ќе бидат од толкави размери. Периодот на владеење на ДПМНЕ во областа на информатичкото општество се карактеризира со спроведување на скапи, необмислени проекти, без претходно направена анализа за користење, поддршка и потреба, а скапо платени со огромни суми пари од граѓаните. Затекнавме опрема која е набавена и не се користи, софтвер кој е платен, а не функционира. Наидовме на паралелни системи за Интероперабилност во државата. Се соочивме со опрема која е стара, не се обновувала и модернизирала, а за која се плаќаат огромни суми на пари за одржување.

 

Остварување на интересите на граѓаните е една од задачите која јас како министер ја превземав. Она што се трудев да го направам овие 100 дена е да го „изгаснам пожарот“ во проектите кои беа започнати и чии рокови намерно или ненамерно одамна бе-а одминати. Овие три месеци, успеавме да ги вратиме во колосек проектите кои беа започнати, но беа со сериозни проблеми и изминати рокови за нивна реализација.

 

Работиме за придвижување на проектите за Регистар на население и е-услуги. Тука има уште многу да се работи за во 2018 година имаме Централен електронски регистер на население и најмалку 50 електронски услуги како што им ветивме на граѓаните.

Во тој правец, веќе се вршат технички и законски подготовки за лансирање на нова платформа за електронски регистар за владини услуги . Исто така го подготвуваме и првиот од трите основни електронски регистри, а тоа е централниот електронски регистар на население.

 

Воведувањето на единствен електронски систем каде ќе бидат поврзани сите институции и ќе се користи за сите апликации за давање на јавни услуги кои државата ги нуди на граѓаните, ќе стави крај на чекање во редови.

 

Како што ветивме, почнавме со пополнување на Каталогот на услуги со кој граѓаните јасно ќе имаат увид во чекорите во постапките, како и документите и цената на услугите кои ги дава администрацијата. Овој каталог набрзо ќе биде објавен.

 

Напорно работиме и на неколку други проекти, за кои биле одделени средства од буџетот, но не ја постигнале целата на својата набавка. За нив во тек се анализи за исплатливоста од надградба, усовршување, модернизирање. Нашата заложба е, доколку е можно, да се поправат грешките, за да средствата кои биле платени од страна на граѓаните не бидат залудни. Исто така, спроведуваме анализа на законските решенија што се однесуваат на Open Government, како што е утврдено и во Програмата за работа на Владата 2017-2020.

 

Зборот е збор! Овие 100 дена работевме на враќање на патот кон ЕУ на ИТ општеството, односно усогласување со нејзината стратегија за развој на информатичкото општество т.н “Дигитална Агенда“ 2010-2020.

 

Во овие 100 дена ја финализиравме инсталацијата на резервната локација за проектот Интероперабилност. Станува збор за проект кој овозможува електронска, сигурна и брза размена на официјални податоци меѓу институциите, а имплементацијата на резервната локација ќе овозможи висока достапност на системот.

 

Беше имплементирана безбедна Владина околина за комуникација (Skype for business), во која 250 лица вработени во повеќе институции имаат можност да користат современи алатки за комуникација, како и да го подобрат и подобро организираат нивното секојдневно работење. Оваа платформа планираме да ја прошириме во повеќе институции и со повеќе корисници, како дел од дигиталната трансформација при работењето на Владата на Република Македонија.

 

Како што ветивме и во Програмата „За живот во Македонија“, почнавме со јавни расправи за подготовка на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи. Принципите на транспарентност и инклузија мора да бидат запазени. Соработката со приватниот сектор мора да биде загарантирана.

 

Работиме и на изработка на Cyber Security стратегија, усогласена со активностите за транспонирање на директивата на ЕУ. Почнавме подготовки за изработка Национална (краткорочна и долгорочна) ИКТ стратегија и Акциски план за нејзина имплементација. Се работи за сериозни документи за кои е потребно многу работа, дотолку повеќе што почнуваме од почеток.

 

Зборот е збор! Се задолживме пред граѓаните дека ќе дадеме поддршка на ИКТ секторот. Овие 100 остварив средби со ИКТ и стопанските комори во РМ и неколку факултети од ИКТ областа. Почнавме да го трасираме патот по кој сакаме да се движиме заедно, едни до други, а не едни покрај други, бидејќи и ние, и тие, имаме една цел: развој на економијата, ИКТ секторот, зголемување на извозот, градење македонски брендови... Нашата цел како Влада и на МИОА и мене лично како министер ми е да ги задржиме младите, особено од ИКТ факултетите како еден од најбараните профили на пазарот на трудот.

 

Работиме на изнаоѓање на инструменти за поддршка на овие млади луѓе по завршување на студирањето да останат овде, да ја обезбедуваат својата егзистенција и ја гледаат својата иднина тука, во Македонија.

 

Демократијата во Македонија, во изминатите години беше под сериозна закана и поради состојбата со медиумите. Македонија во делот на медиумите беше оценета како неслободна земја. Коруптивните врски меѓу владините службеници и сопствениците на медиумите и зголемување на заканите и нападите врз медиумските работници, беа само дел од причините за оваа поразителна оценка.

 

Со цел подобрување на медиумската сфера во изминатите 100 дена изградивме партнерство со граѓанските организации и медиумските асоцијации. Наша определба е слободен медиумскиот простор од било какви институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност.

 

Како што ветивме, ја укинавме радиодифузната такса. Ги ослободивме раѓаните од плаќање на оваа давачка којашто непотребно со години ги оптеретуваше нивните семејни буџети и им создаваше проблеми со блокирани сметки, судски трошоци и извршители на врата.

 

Во првите 100 дена, во духот на транспарентноста отворивме јавна дебата за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во која беа вклучени сите заинтересирани страни. Добиените коментари и предлози се дел од Нацрт-текст на законот којшто е јавно достапен. Согласно програмата и Планот 3-6-9 активно се вклучени и самите медиуми во овие измени и дополнувања, со цел да се зајакне капацитетот на медиумскиот регулатор, да се обезбеди негова професионализација, како и да се изнајде начин да се обезбеди независност на јавниот радиодифузен сервис.

 

Во изминатите 100 дена остваривме средби со многу претставници од меѓународната заедница која отворено ја дава поддршката за активностите на МИОА и е отворена за постојана соработка. Како министер имав и работни средби со моите колеги од регионот со кои во иднина ќе соработуваме. Граѓанското општество во Македонија е наш постојан партнер и е вклучено во активностите кои ги реализираме. Со цел размена на знаење сме во постојана соработка со нив, и поддршката нивна ни е од особено значење.

 

Почитувани, Првите 100 дена завршија. Можам со целосна одговорност да кажам дека јас како министер, но и Министерството за информатичко општество и администрација, водени од начелата на транспарентност, отчетност и инклузивност работевме напорно за остварување на дадените ветувања. Во наредниот период не очекуваат уште повеќе предизвици, работа, активности, проекти и реформи кои се обврзавме дека ќе ги оствариме.

 

На овој начин, со заеднички труд и посветеност ќе успееме да ја вратиме довербата во јавната администрација, во служба на граѓаните, ослободена од притисоци и уцени. Само со реализација на проекти усогласени со европските практики и следење на динамиката на информатичкото општество во Европа ќе ја оствариме целата за целосно дигитализирана Македонија.

 

Медиумски слободна Македонија, ќе имаме само со независни и професионални медиуми и новинари кои без цензура, нарачки и закани ќе ја вршат својата работа. Водени од овие начела работевме во првите 100 дена, така ќе работиме и во иднина.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација