МИОА: Меморандум за соработка УВМК

Скопје, 18 октомври 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска присуствуваше на потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Управата за водење на матични книги и Коморите на адвокатите, на нотарите и на извршителите. Со овој Меморандум се уредува соработката во областа на граѓанските состојби, матичното работење, начинот и постапката на размена на податоци како и видовите на податоци кои се разменуваат помеѓу Управата и Коморите.

 

Со ова се прави исчекор во начинот на комуникација меѓу Управата за водење на матични книги и адвокатите, нотарите и извршителите, преку овозможување на пристап до веб порталот на управата и издавање документи и изводи, по електронски пат, во рок не подолг од 48 часа од денот на поднесувањето на барањето.

 

Податоците ќе се разменуваат во електронска форма и тоа преку апликацијата на веб порталот на Управата, преку посебен безбедносен систем. Меѓу другото, беше посочено дека Изводите (од матичната книга на родени, венчани и умрени) ќе можат да се добиваат во електронска форма, потпишани со електронски потпис, со што ќе се скратат трошоците и времето на нивно издавање.

 

„Ние како Влада ова го гледаме како чекор на целосна промена на односот на Владата кон граѓаните, на тој начин што ќе сакаме што повеќе моќ да им дадеме на граѓаните, со трансфер на овластувањата и со можност за полесно и подостапно да ги остваруваат своите права„, истакна Министерот Манчевски, поздравувајќи го потпишувањето на Меморандумот.

 

Министерот најави целосно интегриран портал за е-услуги на којшто на многу сличен начин, граѓаните ќе можат да имаат директен пристап по електронски пат кон документите:

 

„Порталот ќе обезбеди побрзи и поедноставни услуги и ќе биде единствена точка за контакт со граѓаните. Овој портал на управата за водење на матични книги многу брзо ќе биде интегриран во централниот портал за е-услуги којшто ќе го воведеме од почетокот на следната година“, рече министерот Дамјан Манчевски, додавајќи дека МИОА подготвува и многу брзо ќе објави и Каталог на сите управни постапки и на сите услуги, овозможувајќи им на граѓаните да имаат детален преглед на сите услуги и сите управни постапки со коишто ќе сакаат да се соочат.

 

Инаку, Меморандумот денеска беше потпишан од страна на директорот на Управата за водење матични книги Ѓоко Котевски, претседателот на Комората на извршители на Република Македонија Зоран Димов, претседателот на Адвокатската комора Никола Додовски и Васил Кузмановски, претседател на Нотарската комора на Република Македонија.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација