Бајдевски: Ќе обезбедиме подобрување на правичната застапеност на помалку бројните заедници

Скопје, 06 декември 2017 година

Заменик–министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, денеска беше дел од настанот на тема: „Унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението“, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, со поддршка од ОБСЕ.

 

Заменик-министерот Бајдевски, во своето излагање се осврна на активностите кои МИОА ги превзема за правична застапеност на помалку бројните заедници.

 

„Сакам да потенцирам дека е воспоставен механизам за имплементација на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор. Со таа цел е донесена и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор. Со овој документ институциите се обврзуваат да ги планираат вработувањата врз основа на реална проценка на потребите. Во рамки на Методологијата, алатката која го обезбедува тоа е онлајн калкулаторот „Балансер“ за нови вработувања. На овој начин електронски се врши распределбата на планираните нови вработувања, согласно потребата за постигнување на соодветна и правична застапеност на ниво на институција“, посочи Бајдевски.

 

 

Сепак, како што информираше заменик-министерот, постои простор за унапредување на затекнатата состојба.

 

„Во Стратегијата за реформа во јавната администрација, што треба да се донесе до крајот на годината предвидено е унапредување на имплементацијата на начелото за соодветна и правична застапеност. Во наредниот период ќе се прави анализа на досегашната примена на Методологијата“, истакна Бајдевски.

 

„Тоа што сакам да потенцирам, е дека како и за многу други закони, прописи и документи, така и за Методологијата важат насоките од Европската унија. Тоа значи дека, не е проблемот во пропишаните правила и процедури, туку во нивна имплементација. Заложбите на Владата и Министерството за информатичко општество и администрација се во правец на почитување на предвидените начела при нови вработувања, и можам со сигурност да тврдам дека ќе се почитува усвоената Методологија и Балансерот како алатка, со што ќе се обезбеди подобрување на правичната застапеност“, рече Бајдевски.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација