Заменик министерот Бајдевски на Конференција за управување со квалитетот во јавниот сектор

Скопје, 18 декември 2017 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и државниот секретар Јахи Јахија денес беа дел од конференцијата на тема: „Управување со квалитетот во јавниот сектор“, која ја организираше Министерството за информатичко општсетво и администрација во соработка со Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје.

 

На денешната конференција беа презентирани досегашните искуства од имплементација на моделите за управување со квалитет во организациите од јавниот сектор, беа претставени европските алатки за квалитет во јавниот сектор и се прикажаа идните планови и чекори кои МИОА ќе ги превземе за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македнија.

 

“Меѓународните методи за подобрување на квалитетот на работата и управувањето, особено ИСО стандардите и Заедничка рамка за проценка, однодно CAF моделот, се дизајнирани на начини да им помогнат на институциите да обезбедат унапредување на процесите, да учат од сопственото, но и од туѓото искуство и постојано да се подобруваат и да бидат успешни во обезбедувањето на услуги кон граѓаните “- истакна Бајдевски.

 

Заменик министерот се осврна и на предизвиците на модерното време каде се наметнува потребата од подобрување на услугите што јавната администрација ги испорачува кон граѓаните истовремено и на поголемите очекувања на граѓаните во добивање на услугите.

 

“Нашите анализи покажаа дека воведувањето на моделите и алатките за управување со квалитетот влијаат на подобрување на квалитетот на работењето на институциите. Од овие причини ние остануваме посветени на нивната имплементација во наредниот период и во оваа насока планираме да усвоиме Националната рамка за управување со квалитет во јавниот сектор. Овој документ е во процес на изработка и неговата работна верзија ќе биде презентирана на денешната Конференција. Од утре, исто така, започнуваме со серија на обуки за имплементација на модели и алатки за управување со квалитет во јавниот сектор кои се наменети за вработените во институциите”- рече Бајдевски.

 

Државниот секретар Јахи Јахија во своето обраќање истакна дека “Подобрувањето на системот за квалитет во институциите во Република Македонија е една од целите на новата Стратегија за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 која е во фаза на подготовка. Активности за спроведување на модели и алатки за управување со квалитет во јавниот сектор се исто така дел од Акцискиот план на Стратегијата “

 

На настанот свое обраќање имаше и Џефри Голдстaјн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

На крајот од настанот се одржа и панел дискусија за искуствата во имплементација на CAF моделот, каде сите присутни имаа можност со свои препораки и предлози да се вклучат во подобрување на имплементацијата.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација