Работилница за изработка на Национална стратегија за отворени податоци

Скопје, 26 декември 2017 година

Министерството за информатичко општество и администрација, организираше работилница за работната група за изработка на Национална стратегија за отворени податоци. Целта на работилницата е подобрување на транспарентноста и отчетноста на државните институции преку подобрување на политиките за отворени податоци.

 

Работилницата беше организирана во соработка со Центарот за управување со промени, во рамките на проектот „Поддршка на процесот на реформи во јавната администрација“, финансиран од Британската амбасада.

 

Во работната група членуваат претставници на државни институции, претставници на невладиниот, приватниот и академскиот сектор, а беа ангажирани и локални експерти. Во процесот на изработка на стратегијата за отворени податоци е вклучен и реномиран меѓународен експерт од Велика Британија, г-дин Ендру Стот, како еден од пионерите во областа на отворени податоци.

 

На работилницата главниот фокус беше на различните аспекти од стратешкиот документ, како што се визијата на стратегијата, главните цели, проблемите во областа на отворени податоци, како и главните мерки и активности кои треба да се имплементираат.

 

Стратегијата треба да ја дефинира основната стратешка насока за развој на околината за отворени податоци, вклучувајќи го процесот на идентификување на податоците во рамките на институциите. Основа за ова се критериумите за селектирање на податоци и информации кои може да се објават во отворен формат, процесот на дигитализација на хартиените податоци, подобрување на централниот владин портал за отворени податоци, унапредување на процесот на објавување на податоци на централниот портал од страна на државните институции, стимулирање повисок степен на користење на отворените владини податоци.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација