Обраќањето на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на настанот „Жените во дигитализацијата“

Скопје, 8 март 2018 година

Ќе бидам искрен и ќе кажам дека се радувам и се гордеам што Меѓународниот ден на жената 8ми март, конечно и во Македонија почна да се одбележува преку борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите. Особено во сферата на информатичкото општество.

 

Тоа што ние како поединци, како личности избрани од граѓаните, мораме да го направиме е секојдневно да дејствуваме против родовите стереотипи и да се трудиме да ги овозможиме сите потребни услови за еднакви можности за граѓаните.

 

Како социјалдемократи се изборивме за 40% застапаност на жените во Собранието. Во програмата ветивме дека до 2020 година ќе воведеме паритет, односно најмалку 50% застапеност на жените во политиката. Се залагам за подобра застапеност на жените на високи позиции. Потврда тоа е и мојот кабинет, каде сите шест советнички се жени. Не заради тоа што се жени. Туку заради тоа што се врвни инжењерки, економистки, правнички, лингвистки, најдобри во она што го работат.

 

Исто така, денес на социјалните мрежи веќе најавив дека повеќе нема да прифатам да бидам дел од ниту една конференција, дебата или панел дискусија каде нема да има најмалку една жена говорник. Со ова се приклучувам на иницијативата на евро-комесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.

 

Во денешно време, факт е дека дигитализација ги брише родовите разлики. На интернет мажите можат да бидат жени и жените можат да бидат мажи. Единствено што препознава е способност, вештини и знаења. Со нашите секојдневни активности мораме тоа да го потврдуваме.

 

Дигитализацијата како една од главните одбележја на нашето време е значајна од два аспекти. Прво, создава огромни нови можности кои носат брзи прогресивни промени и економски развој. Второ, создава еднакви можности за сите без разлика на половата припадност. Дигитализацијата донесе промени во скоро сите општествени сфери, а брзиот развој пред сите нас постави нови цели и предизвици.

 

Македонија секако не е надвор од овие процеси. Напротив, процесот на дигитализација секојдневно го менува нашето општество и носи нов развој. Над 70% од граѓаните имаат паметни телефони. 58,6% од нив користат интернет преку мобилен телефон.

 

 

Јас сум по професија електро инжењер, на привремена работа во политика. Некои мои колеги политичари го сметаат интернетот за оружје, за зло кое им овозможува на криминалци и екстремни групи полесно да се организираат. Јас не се согласувам. Ако гледаме така, тогаш и книгата може да послужи како оружје. И авионот може да се користи како оружје. Не е проблемот во интернетот, или другите алатки. Проблемот е во луѓето. Има добри и лоши луѓе. Се може да биде оружје во рацете на лоши луѓе. Интернетот е прекрасна алатка која ни овозможува многу работи. Меѓу другото, како што веќе реков, целосна рамноправност помеѓу жените и мажите.

 

Владата и Министерството за информатичко општество и администрација со голема посветеност работат на создавање на сите услови за натамошен развој, во функција на бизнис секторот и на граѓаните.

 

Започнавме со подготовка на Национален оперативен план за широкопојасен интернет кој треба да овозможи развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи. Целта е да се искористат сите слободни капацитети на државните институции за потребите на бизнис секторот и граѓаните. Покрај тоа, работиме на целосно усогласување на брондбенд таргетите со Дигиталната агенда на Европската унија и новата стратегија за единствен дигитален пазар.

 

Ги мапираме државните комуникациски мрежи и постојните и идни комерцијални комуникациски мрежи за да создадеме нови услови за целосна дигитализација на општеството.

 

За да имаме успех во овој процес потребна е соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор. Јас сум исклучително среќен што гледам една позитивна иницијатива и волја од приватните компании, како што е оваа денес, да се придонесе за побрза дигитализација и иден развој во сите сегменти.

 

Дигитализацијата е процес кој носи развој, но истовремено е и процес кој ги обединува знаењето, квалитетот и способноста на сите нас, без разлика на полот. Дигитализацијата обезбедува побрзи, поефикасни и поефтини услуги за граѓаните. Затоа секоја единка и секој приватен или јавен ентитет е важен во овој процес. Преку заедничка иницијатива ќе создадеме услови за ново, модерно, рамноправно дигитално општество во Македонија како дел од големото глобално „село“.

 

Сепак да не заборавиме дека не многу одамна, состојбата беше многу полоша. Во оваа прилика сакам да ја цитирам Роза Луксембург која рекла: оние кои не мрдаат, не можат да ги видат своите пранги. Затоа борете се. Никој ништо нема да ви даде, ако не барате и не се борите.

 

Во оваа сала има многу амбициозни жени и жени борци и знам дека заеднички ќе бележиме многу нови успеси.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација