МИОА и МФ: Стратешкото планирање и институционалната координација клучни за реформа во јавната администрација

Скопје, 21 март 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на настанот во организација на СИГМА, со наслов „Предизвиците во реформата во јавната администрација“.

 

Како што истакна министерот Манчевски, реформата на јавната администрација претставува континуиран процес на реорганизација на институциите во јавниот сектор и унапредување на нивниот капацитет. Тоа е и еден од клучните приоритети во процесот на европска интеграција на Македонија, како главен фокус во новата Стратегија за реформа во јавната администрација и Акцискиот план, усвоени во февруари годинава.

 

„Стратегијата за реформа во јавната администрација како прв документ изготвен до сега со акциски план, конкретни индикатори и буџет, се фокусира на креирање на политики и координација, јакнење на капацитети на јавна служба и управување со човечки ресурси, зголемување на одговорноста, отчетноста и транспарентноста и давање услуги и ИКТ поддршка на администрацијата“, посочи министерот Манчевски.

 

 

„Главната цел што треба да се постигне со Стратегијата е конечно граѓаните да добиваат побрзо, дигитализирано и поефтино услуги кои им се потребни за поквалитетен живот. Во тој контекст ќе се пристапи кон ре-инженеринг на услугите за нивна дигитализација, при што корисниците на услугите ќе бидат во центарот на процесот “, информираше министерот Манчевски. Тој се осврна и на тоа како дигитализацијата и намалувањето на човечкиот фактор ќе влијае и врз намалувањето на корупцијата.

 

Во насока на отворање на транспарентноста, министерот Тевдовски најави дека Министерството за финансии во моментов подготвува платформа со која јавноста ќе има увид во сите исплати од трезорот. Ќе се прават консултации со граѓанските организации и со медиумите.

 

 

„Со овој чекор ќе придонесеме до целосно отворање на процесите на управување со јавните финансии кон јавноста. Исто така, изработен е нов закон за евиденција на обврски кој во моментов е во собраниска процедура. Во финална подготовка е софтвер во кој општините, јавните претпријатија и фондовите ќе ги евидентираат сите преземени обврски. На тој начин ќе има целосна отчетност за државните обврски и ќе се избегне нивно натрупување во иднина“, рече Тевдовски.

 

Претставниците од СИГМА и претставникот од директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија, Давид Кулен, ги поздравија заложбите на Министерството за информатичко општество и администрација и на Министерството за финансии, во спроведување на реформата во јавната администрација и управувањето со јавните финансии. Како што потврдуваат нивните наоди, значителен напредок е направен во делот да дефинирање на стратешката рамка и зголемување на транспарентноста и отчетноста.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација