Манчевски на конференција за ИКТ, иновации, регулатива и инвестиции во Софија

Софија, 26 март 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија Дамјан Манчевски, денеска имаше свое обраќање на дводневната меѓународна конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, под покровителство на Владата на Република Бугарија во рамките не нејзиното претседавање со Европската Унија.

 

Министерот Манчевски на отворањето на конференцијата, на која свои обраќања имаа и Министерката во владата на Република Бугарија, задолжена за активностите со претседавањето на оваа држава со ЕУ, Министерот Бесим Беќај, министер за иновации и претприемништво во Владата на Република Косово, како и Претседателот на Република Бугарија Росен Плевнелиев и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, истакна дека во денешно време, во овој 21 век, јадрото, основата на реформата на јавната администрација е ИКТ.

 

„Јадрото на промените на нашите општества, на нашите животи, е ИКТ. Многу земји го направија скок напред и ги прифатија промените. Колку побрзо ќе прифатиме да се промениме, толку подобри ќе бидеме“, рече во своето обраќање на конференцијата министерот Манчевски.

 

 

Министерот Манчевски нагласи дека иновациите и претприемништвото во ИКТ се признати како основно средство за создавање работни места и економски развој во Македонија, и дека е ова е случај и во другите земји од Западен Балкан.

 

„Министерството за информатичко општество и администрација, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, ја започна првата фаза во формирањето на Научно-технолошкиот парк во Скопје. Тој има за цел обезбедување на инфраструктурна и финансиска поддршка за иновативните активности. Сакаме да создадеме сосема нов еко-систем за иновативните мали и средни претпријатија за да растат и да се поврзат. Владата ќе биде еден вид „чувар“ и поддржувач на фондот, кој ќе ги поддржи младите компании во нивните најризични фази“ – информираше министерот Манчевски, и додаде дека научниот и технолошкиот парк како мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија е еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија.

 

Министерот Манчевски уште информираше дека Владата на РМ работи и на подобрување на ефикасноста на работењето на државните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации за поддршка на развојот на малите и средни бизниси.

 

„И повторно ИКТ е совршена алатка за транспарентност. Да бидеме искрени и многу отворени. Еден од главните предизвици на секој бизнис во која било земја е корупцијата. И повторно доаѓаме до ИКТ и дигитализацијата. Дигитализацијата значително ги намалува можностите за корупција – потенцираше министерот Манчевски во своето обраќање на меѓународна конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, Република Бугарија.

 

 

Манчевски ја истакна и силната поддршка што земјите од регионот ја добиваат партнерите од ЕУ и САД, и особено од иницијативата Берлински процес, како програма за повеќегодишна акција за поврзување и етаблирање на регионална економска област на Западен Балкан.

 

Како дел од дигиталното поврзување на земјите од регионот во рамките на оваа иницијатива, Министерот за информатичко општество и администрација Манчевски, упати отворена покана до присутните на конференцијата да бидат дел и од првиот Дигитален самит на Западен Балкан, што на 18-ти и 19-ти април ќе се одржи во Република Македонија, и најави дека на дводневниот самит во Скопје ќе се разговара за драстично намалување на цените на роамингот за земјите од Западен Балкан со ЕУ, за взаемно признавање на дигиталните сертификати меѓу земјите од регионот со EУ, за зајакнување на дигиталните вештини, како и за заедничка стратегија за сајбер-безбедност на Западен Балкан со ЕУ.

 

„Со толку многу промени што се случуваат во светот на технологијата, ние мора да се адаптираме. Да бидеме лидери на промените и да ги надминеме сите потенцијални граници и бариери со цел да постигнеме подобри резултати во овие области“, истакна во завршницата на своето обраќање министерот за информатичко општество и администрација во Владата на РМ, Дамјан Манчевски на меѓународната конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, Република Бугарија.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација