Министерот Манчевски во разговори со Google, Microsoft, Cisco и IBM за потенцијални инвестиции во Македонија

Софија, 27 март 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во рамки на меѓународната конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, оствари повеќе средби со претставници на светски ИКТ компании, за потенцијални инвестиции во Македонија.

 

На состанокот со претставникот на IBM, Николас Ходач, министерот Манчевски разговараше за соработка во делот на развивање дигитални вештини и вклучување на ИТ образованието во наставниот курикулум. Новиот пристап во образованието што го промовира IBM има простор и интерес да биде искористен како позитивен пример и во Македонија. Ова ќе биде една од темите и на Дигиталниот Самит, за што господинот Ходач покажа голем интерес. Тој, исто така, ја понуди експертизата на IBM, за надминување на проблемот со постоење на два паралелни системи за интероперабилност кои меѓусебно не комуницираат. Можност за соработка постои и во делот на заштита на лични податоци и сајбер безбедност, на што во моментов работи Македонија.

 

 

Министерот Манчевски оствари средба и со Матиас Сачс, од Microsoft. Средбата се одржа во просториите на технолошкиот парк во Софија, каде беа претставени начините на кои функционира паркот. Министерот Манчевски ги покани претставниците на Microsoft на детална презентација во Македонија, каде ќе се разговара за можностите за инвестирање во земјата. Постои голем интерес за поддршка и помош во зголемување на искористеност на Облак (Cloud). Главните принципи врз кои што работи Microsoft се безбедност, регулација и зачувување на приватноста. Министерот Манчевски и господинот Сачс се согласија дека довербата во алатките што ги нудат новите технологии е од особено значење за граѓаните да ги користат активно, и во тој дел треба постојано да се работи.

 

На состанокот со Маркин Олендер од Google, министерот Манчевски се осврна на дигиталната трансформација и проектот за младинска гаранција, како проект што обезбедува можност за преквалификација на младите, кои веднаш по завршувањето на студиите ќе имаат прилика да се добијат со потребното знаење за да бидат атрактивни на пазарот на труд.

 

 

Со претставниците од Cisco, Борислав Димитров и Пастора Валеро, министерот Манчевски, разговараше за дигиталното образование, како задолжителен дел на средното образование. Cisco го претстави примерот на Франција, како позитивен пример што може да се имплементира и во Македонија. Во наредниот период се очекува посета на претставници од Cisco во Македонија, каде ќе се разговара за можностите за инвестирање во Македонија.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација