Манчевски: Државата активно работи на зголемување на сајбер безбедноста

Скопје, 02 април 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ја отвори работилницата за „Национална рамка и стратегија за сајбер безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“.

 

 

Експертизата во сајбер безбедноста е потребна во сите сфери од нашето живеење. Ризиците од сајбер просторот стануваат реални ризици за животот и имотот на секој од нас.

 

„Довербата на граѓаните во функционирање на службите зависи и од безбедноста на нивните податоци и сајбер безбедноста воопшто. Затоа ние како држава, мораме да правиме се што е во наша надлежност за да им ја обезбедиме приватноста на граѓаните од една страна и безбедноста на податоците, а од друга страна да обезбедиме национална безбедност, односно да одржуваме рамнотежа меѓу нив. Мораме заедно да го штитиме информатичкиот простор, како што ја штитиме нашата територија, воздух, вода...“, истакна министерот Манчевски.

 

Како што посочи министерот Манчевски, експертизата од држава како Кореја, која е лидер во областа на сајбер безбедноста е од особено значење за Македонија. Министерот Манчевски, се осврна на активностите на кои МИОА во соработка со сите засегнати страни и релевантни институции, работи во моментов.

 

 

„Формиравме работна група за подготовка на стратегија за сајбер безбедност. Во наредните месеци очекуваме да имаме драфт документ кој ќе се однесува на сајбер безбедноста на сите и граѓани и јавни институции. Во рамките на посебната соработка договорена помеѓу МИОА, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а со поддршка на Светска Банка, беше направена проценка на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во државата од страна на експерти од Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на универзитетот Оксфорд.

 

На Дигиталниот саем кој ќе се одржи на 18 и 19 април, ќе биде презентиран извештајот од проценката, кој ќе овозможи објективно разбирање за областите кои треба да се подобрат и активностите кои треба да се преземат во таа насока. Исто така, работиме да нова законска рамка, што ќе овозможи поголема безбедност на интернет мрежите“, информираше министерот Манчевски.

 

„Сајбер нападите претставуваат заедничка закана за секого: потрошувачите, државите, бизнисите, економиите, занаетите, граѓаните, итн. Како што и порано, за време на војна се склучувале сојузи за борба против непријателот, така и ние мора да се здружиме заедно“, заклучи Манчевски.

 

Работилницата за „Национална рамка и стратегија за сајбер безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“, е во организација на МИОА, Корејската агенција за интернет и информатичка безбедност и Светска Банка.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација