Манчевски: Улогата на медиумите е да ги мотивираат граѓаните да бидат коректив на власта

Скопје, 3 мај 2018 година

Слободни, безбедни, независни и одговорни медиуми се основа за развој на едно демократско општество. Тие се важна алка за градење на развиена држава, за социјален и економски напредок и одржлив развој.

 

Нападот врз слободата на медиумите, е напад врз владеењето на правото и напад врз човековите права.

 

Меѓународниот ден на слободата на печатот кој што го одбележуваме денеска, нека биде потсетник за сите нас. За нашите заложби изминатите години за слободата на медиумите. Но и ден кога медиумските работници ќе се потсетат на својата клучна улога во општеството.

 

Јавноста мора да биде постојана контрола на власта. Важноста на медиумите е огромна, особено во областите на правдата и владеењето на правото. Затоа важна е транспарентноста на политичките процеси, независноста на медиумите и медиумската писменост. А од најголема важност за тоа да се постигне е отчетноста на државните институции кон јавноста.

 

Измените во законот за АВМУ, подготвени заедно со сите засегнати страни, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозмужуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса за политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Медиумската заедница треба да ја превземе контролата врз медиумскиот сектор. Овој закон овозможува дополнителни механизми за саморегулација.

 

Но и медиумите мора да бидат на висина на својата задача и да ја стекнат и зачуваат довербата на граѓаните.

 

Долго време бевме сведоци на пристрасно, нефер, небалансирано или едноставно лажно известување. Денес, секој со интернет конекција и паметен телефон може да објавува, во секое време, насекаде. Но, тоа не е новинарство. Кога новинарите и уредниците ја игнорираат нивната одговорност да ги потврдат своите приказни и точно да известуваат, го поткопуваат интегритетот на својата професија и довербата на граѓаните.

 

Да не заборавиме дека улогата на медиумите не е само да известуваат, туку и со известувањето да ги мотивираат луѓето да бидат постојан коректив на власта.

 

Доброто владеење и слободата на медиумите се меѓусебно зависни. Само кога новинарите ќе добијат простор да работат слободно, да набљудуваат, да поставуваат прашања и да известуваат, без страв од притисоци и закани, само тогаш сите граѓани можат да бидат сигурни дека носителите на одлуки ќе се придржуваат до највисоките стандарди.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација