Состанок на работна група за утврдување слободни капацитети и нивно идно користење на електронски комуникациски мрежи и средства

Скопје, 4 мај 2018 година

Состанок на работната група за утврдување слободни капацитети и нивно идно користење на електронски комуникациски мрежи и средства, со која што претседава министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, го одржа својот редовен состанок.

 

На состанокот беше презентиран досегашниот напредок во мапирањето на електронските комуникациски мрежи на телеком операторите како и електронските комуникациски мрежи на МЕПСО, ЕЛЕМ, МАРНЕТ, ЈП МРД и ЈП МЖ. Исто така, претставени беа и сивите зони, односно зона со еден оператор, и белите зони каде ниту еден телеком оператор нема интерес за инвестирање во наредните 3 години.

 

Министерот Дамјан Манчевски информираше дека во иднина работната група ќе пристапи кон подготовка на долгорочна ИКТ стратегија, во чија изработка ќе бидат вклучени како домашни така и странски експерти.

 

Како што истакна министерот Манчевски, процесот на подготовка на ИКТ стратегија е отворен, и потребни се предлози и препораки од сите заинтересирани страни. Министерот истакна дека покрај изработката на ИКТ стратегијата, оваа работна група како и останатите работни групи во иднина ќе се вклучат и во драфтирањето на Стратегијата за развој на широкопојасниот интернет во Македонија.

 

Следни активности на работната група е утврдување на тоа како би се користеле слободните мрежни ресурси, односно кои институции би ги користеле истите. Исто така, во наредниот период ќе се утврди слободниот капацитет што би се понудил на приватниот сектор за нудење телекомуникациски услуги во белите зони.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација