Манчевски: За промена на системот неопходна е силна волја, и взаемна поддршка за создавање ефикасна и квалитетна администрациja

Скопје, 10 мај 2018 година

Mинистерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска се обрати на настанот за промоција на истражувањето: „Анализа на именуваните и избраните лица. Извештај од следење: Колкав и каков јавен сектор имаме во Македонија“.

 

„Една од главните забелешки на ЕУ кога работиме бројни стратешки документи со нив е дека во државата нема основни анализи, немаме појдовни податоци. Нема правила, нема пропишана законска процедура кој е надлежен да формира некоја институција“, рече министерот Манчевски, нагласувајќи дека за промена на системот неопходна е многу сила и волја, но и взаемна поддршка со цел создавање на ефикасна и квалитетна администрација .

 

„Сликовито ја гледам администрацијата како голем , масовен, гломазен брод-крстосувач, кој плови во еден правец, во немирно море, долго време. Денес ние се обидуваме да го свртиме овој крстосувач. Тоа оди тешко и бавно, ама и треба и многу сила и волја. Треба и поддршка од сите кои се на бродот. Лесно е да се заврти брод кој е празен, ама што ќе ни е таков брод. Со други зборови, не треба да предизвикаме квалитетните луѓе да скокнат од бродот, односно да ја напуштаат администрацијата“, смета министерот Манчевски.

 

Како што истакна тој, за да се адресираат проблемите и наодите во оваа анализа, потребно е дополнително да се направи анализа на законската регулатива. Сите бројки за луѓе и пари, за раководни лица и тела на разни институции, се законски регулирани во голем број на закони. Закони од сите различни области. Само колку за илустрација, трите амандмани на ЗАС, кои се донесоа во јануари оваа година, предизвикаа промени на 126 различни закони.

 

Министерот Манчевски додаде дека паралелно со овие истражувања и анализи, МИОА работи и на функционална анализа на јавниот сектор. Првиот чекор е хоризонталната функционална анализа, чија прва предлог верзија е веќе готова. Таа ќе покаже кои институции и каде се препоклопуваат со своите надлежости. Таа исто така ќе покаже и кои институции би можеле да се спојат или пак можеби и да се формираат нови. На настанот се обратија и Амбасадорот на Обединетото кралство во Република Македонија, г-дин Чарлс Гарет и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација