Владина делегација предводена од министерот Иво Ивановски во Естонија

Скопје, 13 февруари 2007

Владина делегација предводена од министерот без ресор задолжен за информатичко општество Иво Ивановски ќе престојува во тридневна посета на Република Естонија.

За време на посетата, министерот Ивановски оствари средба со премиерот Андрус Ансип. Премиерот Ансип ја реафирмира силната естонска поддршка на Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ, посебно нагласувајќи дека на Самитот во Букурешт очекува покана за членство на Македонија во Алијансата. Израз на таа поддршка ќе биде и работната посета на Македонија на 25 и 26 март 2008 година од страна на Ансип, на покана на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски. Премиерот Ансип изрази задоволство од имплементацијата на реформите во Македонија и подвлече дека тие се единствените критериуми врз основа на кои треба да биде донесена одлука за членството. Тој подвлече дека името не е критериум, а Естонија во билатералната комуникација редовно користи Република Македонија.

Ансип ја истакна одлуката на Македонската влада за отворање на дипломатско претставништво во Талин во 2007 година, со која се овозможи унапредување на билатералната соработка на сите нивоа.

Министерот Ивановски оствари средба и со министерот за економија и комуникации, Јухан Партс. Двајцата министри договорија конкретни форми за натамошна билатерална соработка на полето на информатичката технологија. Министерот Ивановски го запозна својот естонски колега со проектите на Македонската влада во оваа сфера. Естонскиот министер изрази силна поддршка на македонските предлози чија реализација ќе започне во текот на оваа година преку соработка на министерот Ивановски со надлежните естонски институции: Е-Академијата, Министерствата за надворешни работи и за комуникации, Државниот центар за информатика и Катастарот.