Демант на обвинувањата на СДСМ за проектот „Компјутер за секое дете“

Скопје, 3 Март 2008

Жалам што првиот информатичар на СДСМ не поседува елементарно познавање на новите трендови во информатичката технологија, изјави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски демантирајќи ги тврдењата на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јани Макрадули во врска со владиниот проект „Компјутер за секое дете“.
Ивановски рече дека на меѓународниот повик на Министерството за образование и наука предмет на набавка биле 17.818 персонални компјутери, 80.892 тинклиенти компјутери, 98.710 ЛЦД монитори и исто толку тастатаури и глувчиња.
- СДСМ не ги спомна тинклиентите кои се главен фактор во целиот проект. Тоа се уреди кои се поврзуваат на персоналните компјутери и функционираат исто како независен персонален компјутер во мрежата. Шест тинклиенти ќе бидат поврзани на еден персонален компјутер, што значи дека седум ученици во секој момент ќе можат да работат истовремено независно еден од друг. Со овие тинклиенти, кои СДСМ не ги спомна, бројот на компјутерите достигнува до 100.000. Секој ученик пред себе ќе има тастатура, глувче, монитор и компјутер или тинклиент, рече Ивановски.
Според него, бенефитот од тинклиентите е што се квалитетни, а многу поевтини, имаат помала енергетска потрошувачка - пет вати, наместо 300 вати колку што има персоналниот компјутер, минимални административни трошоци зашто речиси ќе нема сервисирање или одржување, побезбедни од злоупотреба зашто ако бидат украдени не можат да се користат, помалку бука и топлина во училиниците зашто ќе работат многу помалку компјутери.
Во врска со изјавата на Макрадули дека за 8,2 милиони евра може да се набават 100.000 компјутери, Ивановски рече дека „со таа математика“ еден компјутер би чинел 82 евра. - Ако Макрадули може да набави компјутер за 82 евра, секоја чест, рече Ивановски.
Министерот демантираше дека роковите се пробиени и тврди дека компјутерите навреме стигнале, но биле складирани во магацини за да се подобри електричната и комуникациската мрежа во училиштата со опрема што ја донира нивниот партнер Македонски телекомуникации. Соопшти дека во наредните две недели десет средни училишта ќе бидат комплетно опремени, а потоа ќе бидат инсталирани компјутерите. Паралелно се работи и на инсталациите за основните училишта, како и на креирање електронски содржини за наставните предмети и на обука на наставниот кадар.